Sunday, May 31, 2020

ИЗВЕСТУВАЊЕ И ПРОТОКОЛ ЗА ИСПИТИТЕ ВО ПРЕТСТОЈНАТА СЕСИЈА - ЈУНИ / ЈУЛИ 2020

Испитите по предметите Методика на наставата по македонски јазик 1, Методика на наставата по македонски јазик 2 / Практика на наставата по македонски јазик 2, Современ македонски јазик 7 (ПИТА) и Современ македонски јазик 8 (ПИТА) во претстојната сесија, јуни/јули 2020, ќе се изведуваат на далечина (онлајн), поради продолжената вонредна состојба во којашто се изведуваат наставните активности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје во услови на пандемија на КОВИД-19.
Одлуката за ваквиот начин на одржување на испитите е донесена во согласност со упатствата од Деканатот и во договор со студентите што беа редовно присутни на онлајн наставата по овие курсеви.

Испитите по овие предмети ќе се полагаат комбинирано, усно и писмено, на интернет платформата Zoom. Оваа платформа е избрана на едногласно барање и одлука на студентите, и покрај тоа што минатите три месеци наставата на далечина по овие предмети се изведуваше и на интернет платформата Microsoft Teams. 
Испитите ќе се изведуваат во денови и термини определени според бројот на пријавените кандидати, а датумите и термините ќе бидат објавени по добивање на списоците од iKnow и на списоците испратени на мојата електронска адреса.  

Во ист ден ќе се одржуваат испити во повеќе термини, а во еден термин ќе полагаат по тројца кандидати. Притоа, сите тројца кандидати треба да бидат присутни и меѓусебно да го следат полагањето од почетокот до крајот на терминот. Еден испитен термин ќе трае најмногу 75 минути. На почетокот од испитниот термин ќе биде потврден или одново определен терминот за следните тројца кандидати. (Инструкциите од овој параграф не важат за испитот по Методика на НМЈ 2.) 
  
Резултатите од полагањето ќе бидат објавувани на крајот од испитот или дополнително, во зависност од задачите и од обемот на содржините што ќе треба да се спроведат писмено во текот на испитот. 
За секој кандидат професорот ќе води записник за испитот, во кој ќе бидат внесени испитните прашања, забелешки во врска со одговорите и крајната оцена. 
За време на испитот задолжително ќе треба да бидат вклучени камерите на присутните кандидати и на професорот, како и микрофоните на кандидатот што одговара и на професорот. 
За време на испитот кандидатите ќе треба да го имаат својот индекс покрај себе и доколку е потребно, да ги покажат на камера фотографијата, бројот на индексот и личните податоци. 

Упатства за испитите по предмети
Методика на наставата по македонски јазик 1
Испитот ќе се изведе според содржините за овој студиски предмет, како и според постојниот протокол и испитните теми составени со слушателите на курсот, а за полагање на писмениот испит по овој предмет.
Кандидатите ќе одговараат на 4 прашања - две од теоријата на методиката на наставата по македонски јазик и две од практиката на наставата по македонски јазик според наставни единици од наставните програми за основното и за средното образование. 
Темите за испитните прашања од практиката на наставата се определени во договор со слушателите на курсот, а ќе бидат споделени и на оваа веб-локација. На овие прашања кандидатите ќе одговараат комбинирано - усно и писмено, при што ќе можат да пишуваат на табла или на документ споделен на платформата. Содржините за пишување нема да бидат од есејски тип, туку ќе претставуваат описи или примери за активностите или за делови од активностите на наставните часови за кои одговараат. Писмениот дел од испитот ќе биде електронски сочуван кај професорот, заедно со записникот за испитот.  

Методика на наставата по македонски јазик 2 / Практика на наставата по македонски јазик 2
Испитот по овие предмети е практичен испит, кој во редовни услови се изведува во основно или во средно училиште. Во сесијата јуни / јули 2020 право на полагање имаат кандидати на кои овие предмети им се презапишани во летниот семестар на академската 2019/20 год. Кандидатите треба да имаат положено Методика на наставата по македонски јазик 1 / Практика на наставата по македонски јазик 1.  
Испитот ќе се изведе според содржините за овие студиски предмети, а делумно и според постојниот протокол за практичниот испит и за наставниот час во училиште. 
Училишниот час ќе биде симулиран електронски, при што во улога на ученици на интернет платформата Zoom ќе бидат присутни студенти од трета година на студиската група Македонски јазик. Кандидатот што ќе полага, ќе води разговор и ќе поттикнува наставна интеракција со колегите студенти во замислени наставни ситуации во училишни услови. 
За потребите на испитната / наставната интеракција кандидатите треба да изработат оперативен план за наставниот час според зададена наставна единица. Оперативниот план ќе  ми го достават електронски на: gor.teach@gmail.com .
Кандидатите треба да подготват наставни листови за илустративните содржини од сите етапи на часот и за задачи на учениците, кои како Word документи ќе ги споделуваат на платформата.  
За време на наставниот час кандидатот што полага ќе треба да ја сподели и да ја користи за пишување и таблата од платформата.  
Кандидатите треба да поседуваат способности и вештини за користење компјутер и за работа на интернет платформата Zoom.
Писмениот дел од испитот ќе биде електронски сочуван кај професорот, заедно со записникот за испитот и со оперативниот план за часот.
Секој кандидат треба да присуствува на сите часови од практичниот испит, за чии термини ќе се информира од соодветните објави на овој блог. 

Современ македонски јазик 7 (ПИТА) и Современ македонски јазик 8 (ПИТА) 
Испитот ќе се изведе според содржините за овие студиски предмети, како и според постојниот протокол и испитните теми составени со слушателите на курсот, а за полагање на писмениот испит по овој предмет. 
Кандидатите ќе полагаат комбинирано - усно и писмено. 
Усниот дел од испитот се одвива низ разговор на комуникациски теми поврзани со секојдневниот живот, културата и уметноста, спортот, рекреацијата, гастрономијата, здравјето, вработувањето и професијата, сообраќајните средства, патувањата, туризмот и сл. Професорот поттикнува кај кандидатите реплики во кои ќе бидат употребувани именски групи, прости реченици и сложени реченици и преку кои ќе се проверуваат лингвистичките и комуникациските компетенции. 
Писмениот дел на испитот нема да биде од есејски тип, туку ќе се изведува преку разновидни и интересни форми за дополнување реченици или текстови, на материјали што професорот ќе ги сподели како Word документи на интернет платформата, како и преку пишување куси текстови од типот на: пораки, покани, честитки, пофалби, поплаки, молби итн. За пишување ќе биде користена и таблата на платформата. Писмениот дел од испитот ќе биде електронски сочуван кај професорот, заедно со записникот за испитот.


No comments:

РЕЗУЛТАТИ ОД ИСПИТИТЕ ПО МНМЈ1, ГМЈ7 И СМЈ7 (ПИТА), МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК (ПЕДАГОГИЈА)

Методика на наставата по македонски јазик 1  12.02.2024 30130   9 29953   8 14302   7 30324   5 30163   5 30265   5 30053   5 30034   5 Се п...